gototopgototop
  1. Skip to Menu
  2. Skip to Content
  3. Skip to Footer>

Драмски театар-Скопје в петок премиерно ќе ја изведе претставата „Човекот кој го изеде светот“ по текст на германскиот автор Нис-Моме Штокман во режија на Билјана Радиноска, на која ова и е прва претстава во професионален театар по неколку постановки во независни театари.

Главната улога, безимениот лик ХХХХ, го игра Игор Стојчевски, а во актерската екипа се и Диме Илиев, Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Димитрија Доксевски и студентот на ФДУ Стефан Вујисиќ. Сценограф на претставата е Мика Черепналковска, костимографијата е на Ивана Кнез.

Режисерката го избрала текстот зашто отвора теми за денешни проблеми за кои, како што рече денеска на прес-конференција, треба да се разговара и да бидат поставени на сцена.

- „Човекот кој го изеде светот“ ни дава да ѕирнеме во едно семејно секојдневие или, пак, во сите животи одделно. Ја раскажува приказната за нездравиот однос меѓу родител и дете, еден пропаднат брак, едно изневерено пријателство, едно споро и болно во својата спорост индивидуално пропаѓање... Приказна за изневерени очекувања, за неносење со одговорности, за стравот од соочување со себе и стореното. Во тој свет еден човек проголтува туѓи сништа, проголтува иднина, јаде ветувања... истакнува Радиноска за текстот кој го поставува на сцената на Драмски.

Актерите се задоволни од подготовката на претставата. Диме Илиев веќе соработувал со Радиноска за нејзината дипломска работа, како и Доксевски, кому ова му е втора соработка со режисерката.
Стојчевски, кој го игра  главниот лик, рече дека современото во претставата е, пред се, пристапот на Радиноска, посебниот начин на игра на кој инсистирала. - Еден документаристички пристап во градењето на ликовите. Да нема дистанца меѓу ликот кој се толкува и неговите чувства, мисли, намери, односи со актерот. Што повеќе да се направи симбиоза помеѓу актерот на сцена и напишаниот лик, рече Стојчевски.

На прашањето зошто главниот лик нема име, туку е означен со четири икса (ХХХХ), режисерката појасни дека авторот така го претставил во текстот и дека може да се толкува како знак на цензура. - Мислам дека тоа е негова индикација заради некои две толкувања на самиот наслов на драмата. Едното би можело да се толкува дека капитализмот е нешто што го има него изедено и дека тој станува знак на цензура, како на телевизија кога се покриваат несакани ефекти... , рече  Радиноска.

Директорот на Драмски Роберт Вељановски на прес-конференцијата соопшти две новини во театарот од 1 ноември. Променето е работното време на билетарницата која сега од понеделник до сабота работи од 9 до 22 часот, а во недела од 12 до 20 часот.

Втората новина, која се уште не е популаризирана, е дека интерното бифе на Драмски  е отворено за публиката од 19 до 24 часот. Целта е, рече Вељановски, посетата на театар да биде целовечерен нaстан и луѓето да може да си разменат мислења и по претставата, а не да си заминат веднаш како кога одат во кино.

Share this post

Слушај радио во Живо

bg_radio

and.play_google

and.qrcode