gototopgototop
  1. Skip to Menu
  2. Skip to Content
  3. Skip to Footer>

Главниот град на Катар, Доха од денеска до 1 февруари ќе биде домаќин на 24. Светско првенство во ракомет. За првпат сите натпревари ќе се играат во еден град, во три сали. Дваесет и четирите репрезентации ќе бидат поделени во четири групи по шест селекции.

Македонија ќе го има своето четврто учество и за првпат на Светските првенства има учество едно по друго. На првиот ракометен Мундијал во Египет 1999 година – Македонија заврши на 18.место без да ја почувствува следната фаза. Во Хрватска 2009 година Македонија беше вистински хит и на крајот нашата репрезентација го освои 11.место што е забележано како најдобар пласман. Пред две години во Шпанија нашиот состав беше запрен во осминафиналето од Германија и шампионатот го заврши како 14.та репрезентација на светот.

Амбициите на ракометниот Мундијал во Катар се добро познати да се мине првата фаза – групата секако со што е можно подобар пласман и потоа во осминафиналето да се брка победа за четвртфинале со што целта за пласман на Олимписките квалификации ќе биде многу блиску до остварување.

Македонија се наоѓа во групата Б заедно со селекциите на Хрватска, Тунис, Босна и Херцеговина, Австрија и Иран.
Во групата А се наоѓаат: Шпанија (светски првак), Словенија, Катар (домаќин), Белорусија, Бразил и Чиле.
Во Ц групата се наоѓаат европскиот и олимписки шампион Франција, Шведска, Алжир, Чешка, Египет и Исланд.
Д групата ја сочинуваат: Данска, Полска, Русија, Аргентина, Саудиска Арабија и Германија.

Светската ракометна федерација (ИХФ) направи и мал преседан откако и го одзема правото за учество на Австралија и и го додели на Германија, а потоа откако Бахреин и Обединетите Арапски Емирати се откажаа на нивно место шанса добија Исланд и Саудиска Арабија.  Тоа значи дека овој шампионат ќе биде исклучително силен и квалитетен бидејќи ќе има 15 европски репрезентации.

Титулата светски шампион ќе ја брани Шпанија, која има вкупно две титули. Во конкуренција за освојување на медали се споменува „големата четворка“ Франција, Данска, Шпанија и Хрватска. Како потенцијални изненадувања за пласман во полуфиналето се споменуваат: Полска, Шведска, Словенија, па и домаќинот Катар.

Затоа селекторот на Македонија Ивица Обрван ќе има исклучително тешка работа да ја донесе репрезентацијата до посакуваните резултати. Македонија во Катар замина комплетна со состав, кој веќе не смее да чека на поединец, туку мора сите 16 играчи да ја понесат одговорноста. Секако сите очи ќе бидат кон најдобриот стрелец на светските првенства Кирил Лазаров (Хрватска 2009), но во нашиот состав треба сите да бидат на потребното ниво и голманите Ристовски, Ангелов, Наумче Мојсовски, Миркуловски, Вугринец, и Прибак, како и крилата Георгиевски, Манасков,...

Шампионатот ќе се игра во три сали: „Лусаил Спортс Арена“ (капацитет 15.300 седишта), „Али Бин Хамад ал-Атијах Спортс Сала“ (7.700) и „Духаил Спортс Сала“  (5.500).
На шампионатот ќе судат 18 двојки, а меѓу нив ќе биде и македонската Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Првиот натпревар на шампионатот се игра вечерва со почеток 18 часот и 30 минути (20:30 по локално време) и честа да го отворат ракометниот Мундијал ја имаат домаќинот Катар и Бразил.
Македонија првиот натпревар го игра утре со почеток во 15 часот против селекцијата на Тунис.

Share this post

Слушај радио во Живо

bg_radio

and.play_google

and.qrcode