Успешни бизнис приказни има и во Македонија

310

Кога се зборува за светски компании кои започнале од ништо и успеале, како на пример приказната за италијанската Ferrero, или пак технолошките гиганти на Стив Џобс и Елон Маск, многумина би помислиле дека таквите приказни може да се случат само некаде надвор од Македонија, но не и кај нас. Ако малку се обидеме да ја видиме историјата кај нас може да најдеме примери на компании коишто, почнале од нула и се синоним за квалитет и лидер во секторот во кој работат.

Ако се споредуваат приказните од странство и тука, можеби е дури и потешко во Македонија да се изгради успешна компанија, да се креира успешна бизнис приказна. Не само што треба за тоа многу труд и посветеност, туку и многу падови, многу подеми за кои малкумина од нас знаат. Дека во Македонија мислење е дека што помалку се зборува за некого е подобро. Можеби дојде време да зборуваме и за нашите успешни приказни, да се гордееме со нив и да ја раскажеме нивната приказна.

Деновиве налетавме на информација дека оваа година многу компании прават годишнини. И тоа јубилеи. Една од нив е компанијата која ние сите ја знаеме всушност по нивниот бренд што е синоним за сок во Македонија – Вива. Кога мислиме на сок во суштина мислиме на Вива. Компанијата оваа година обележува 30 години постоење, 30 години на градење на македонски бренд препознатлив во регионот.

Секој почеток е тежок за секој бизнис, посебно на почетокот на 90-те години кога Македонија стана независна. Да се започне компанија од нула во првите години на независен пазар е навистина предизвик за кој и да било. Семејната фирма формирана во 1994 година ја започнува својата приказна скромно. Таквите приказни што започнуваат скромно обично во себе носат срце полнo со надеж и раце спремни за работа. Доволно за почеток, желба да се создаде нешто свое.

Компанијата на Јосифовски започнува со тим од само седум луѓе, сите со истиот сон. Денес, 30 години подоцна тој сон го споделуваат 120 вработени. Од скромните почетоци кога произведуваа неколку литри сокови дневно, Вива денес достигнува капацитет од 60 милиони литри годишно. Ова е приказна за храброста да се започне нешто во време кога многумина се откажуваат и за посветеноста да се остане на патот кога времињата се тешки.

Но, патот до успехот никогаш не е лесен. Годините беа полни со предизвици, но и со можности. Вива не само што успеа да ги препознае овие можности, туку и да ги искористи, инвестирајќи во луѓето, технологиите и иновациите. Од нивните први чекори до денешната модерна компанија која се простира на површина од 50.000 m², Вива покажува дека упорноста и континуираниот развој водат до успех.

Лидери во Македонија во сегментот на сокови, но и со извоз во повеќе од 30 земји на четири континенти, Вива е доказ дека македонските производи имаат место во светот. Нивната приказна е пример дека приказни како Ferrero постојат и кај нас и тие се гордост на нашата земја, бидејќи производот е македонски, а квалитетот светски.
Денес, Вива не само што создава врвни производи, туку активно придонесува за развојот на локалното земјоделство, откупувајќи свежо овошје и зеленчук од нашите производители. Така, тие не само што ја поддржуваат локалната економија, туку и инвестираат во иднината на земјата.

Приказната за Вива е повеќе од бизнис успех – таа е доказ дека со цврста решителност, вистинска стратегија и многу труд, може да се изгради нешто големо, дури и од најскромните почетоци. Вива е нашата приказна, македонска приказна, што треба да ја славиме и споделуваме како пример за тоа што може да се постигне кога веруваме во својот сон.